1 Kings 17
1 И пророкот Илија, тишбеец од галаадските жители, му рече на Ахав: „Се колнам во живиот Господ, Бог Израелов, пред Кого стојам! Во овие години нема да има ниту роса, ниту дожд, освен според мојот збор.“
2 И потоа словото Господово дојде до Илија и му рече:
3 „Тргни се оттука, сврти се кон исток и сокриј се кај потокот Керит, кој е спроти Јордан;
4 од тој поток ќе пиеш, а на гавраните сум им заповедал да те хранат таму.“
5 И тој замина и постапи според словото Господово; отиде и остана кај потокот Керит, кој е спроти Јордан.
6 И гавраните му носеа леб и месо наутро, леб и месо навечер; а пиеше од потокот.
7 По извесно време потокот пресуши, бидејќи немаше дожд по целата земја.
8 Тогаш Господ му рече:
9 „Стани, оди во Сарепта кај Сидон и остани таму. Јас ѝ заповедав таму на една жена вдовица да те храни.“
10 И стана тој, па отиде во Сарепта. Кога дојде кај градските порти, ете, таму една вдовица жена собира дрва. Тој ѝ се обрати и ѝ рече: „Донеси ми малку вода во сад да пијам!“
11 Таа отиде за да земе, а тој повика по неа и рече: „Донеси ми в раце и парче леб!“
12 Таа му одговори: „Ти се колнам во живиот Господ, нема ништо печено, туку имам само грст брашно во ноќвите и малку масло во масларникот; и, ете, јас ќе соберам две — три дрвца, ќе отидам и ќе го приготвам тоа за себе и за синот свој; ќе го изедеме тоа и ќе умреме.“
13 А Илија ѝ рече: „Не плаши се; оди и направи го она што го рече; но најнапред направи од тоа мала пресна питка за мене и донеси ми; а за себе и за синот свој ќе направиш после;
14 зашто вака вели Господ, Бог Израелов: ‚брашното во ноќвите нема да сврши, и маслото во масларникот, нема да се намали до оној ден, во кој Господ ќе даде дожд на земјата.‘“
15 Таа отиде и направи така, како што ѝ рече Илија и таа се хранеше, и тој и синот нејзин извесно време.
16 Брашното во ноќвите не се свршуваше, и маслото во масларникот не се намалуваше, според словото на Господ што Тој го изрече преку Илија.
17 Потоа се разболе синот на таа жена, на домаќинката, и болеста негова беше толку силна што не можеше да дише.
18 Тогаш таа му рече на Илија: „Што имаш ти со мене, човеку Божји? Си дошол да ми ги наспомниш моите гревови и да го умреш синот мој.“
19 А тој ѝ одговори: „Дај ми го синот твој.“ И го зеде од рацете нејзини, го однесе во горната соба, каде што живееше и го положи на леглото свое;
20 па повика кон Господ и рече: „Господи, Боже мој! Зар Ти на вдовицата, кај која живеам, ќе ѝ направиш зло, погубувајќи ѝ го синот нејзин?“
21 И откако се спружи трипати над момчето, извика кон Господ и рече: „Господи, Боже мој! Нека се врати душата на ова момче во него!“
22 И Господ го слушна гласот на Илија, му ја врати душата на момчето во него, и тоа оживе.
23 Илија го зеде момчето, го симна од горната соба во домот, ѝ го предаде на мајка му и рече: „Еве, син ти е жив!“
24 Тогаш жената му рече на Илија: „Сега навистина дознав дека ти си Божји човек, и дека словото Господово во твојата уста е вистинско.“